Приказна за Благоја Георгиевски Буштур, кошаркарска легенда и идол на многу генерации

од Aleksandar Petrovski
1,3K прегледи

Помладите генерации сигурно не се сеќаваат на него. На Јутјуб скоро и да нема ниту една снимка на која се гледа како играл. Но во Македонија нема дилема дека Благоја Георгиевски Буштур беше најдобриот играч во историјата на македонската кошарка, многу пред на паркетот да зачекорат Петар Наумовски, Перо Антиќ или Јорданчо Давитков.

Приказната за Гркот и Буштур, легендарниот тренер на Работнички, Лазар Лечиќ и неговиот најдобар играч Благоја Георгиевски, суштински е приказна за кошарката во Скопје и Македонија од седумдесетите години на минатиот век, па натаму.

Како што е познато Благоја Георгиевски Буштур пред два дена загина во сообраќајна несреќа во Скопје.
Натпреварите на Работнички, раскажуваат сведоци во времето на Грк и Буштур траеле со „часови“. Легендарниот Лечиќ раскажуваше дека суштински се играло додека Работнички не победи.

Актерите на тие мечеви пак имале сосема поинакво објаснување – Лечиќ на домарите им „наредувал“ да ја исклучат струјата секој пат кога противничката екипа ќе влегла во било каква сериозна серија.

Без двоумење главен играч во таа екипа бил Благоја Георгиевски, единствениот македонски кошаркар во репрезентацијата на Југославија и човек кој во 1975 година, имал фантастична сезона. На крај Работнички бил петти пред Босна и загрепска Локомотива која набрзо потоа го променила името во Цибона. Со само еден пораз во 26 меча, првак на Југославија бил Задар со Крешимир Ќосиќ и Пино Ѓерѓа.

Сепак, Мирко Новосел таа година го изоставил од репрезентацијата. Реално конкуренцијата на негово место била жестока, но упатените тврдат дека зад одлуката на тогаш новиот селектор стоела еден од најнеобичните случувања во историјата на југословенската кошарка.

Репрезентативниот дрес го чинело забивањето кое на југословенските терени дотогаш не било видено. како плејмејкер на екипата, повлекол напад и силно забил.

Публиката наводно останал шокирана, а според сведоците Лазо Лечиќ се тркалал од смеа на домашната клупа. Имено Буштур забил на еден од помошните кошеви, поставени од бочната страна на теренот.
После Георгиевски раскажувал дека на таков потег го натерал токму Лазо Грк, најверојатно затоа што му било досадно. Иако на некое време испаднал од репрезентацијата Буштур наредната година го водел Работнички до најголемиот успех во историјата, полуфинале на Купот на победниците на куповите.

Составот на Лечиќ во двомечот против Кинцано од Милано му фалеле осум поени за да влезе во финалето во кое Миланезите го победиле францускиот АСПО Турс.

Буштур таа година го одвел Работнички и до финалето на Купот на Југославија. Во мечот во Титово Ужице го победил тогаш величенствениот белградски Раднички со 89-75 за кој играле Драгослав Ражнатовиќ, Милун Маровиќ, Мирољуб Дамјановиќ, Среќко Јариќ и Драган Вучиниќ.

Постарите кошаркари велат дека на тој турнир се создадени пријателства кои траеле децении и по распадот на државата.

Работнички потоа само еднаш играл во финалето на Купот и тоа во 1983 година кога е поразен од Цибона во Босански Брод.

Георгиевски со репрезентацијата на Југославија на Олимписките игри во Монтреал го освои сребрениот медал. Бил и во составот на екипата која на Европското првенство 1971 година била втора.
По крајот на кариерата Буштур беше тренер, селектор и спортски функционер.

Ќе остане запаметен како еден од најдобрите одбранбени играчи во своето време и пријател на сите кои зачекориле на кошаркарскиот терен во Скопје.

Слични содржини