Коко Шанел била опседната со бројот 5: Како популарниот парфем го добил името?

од Elena Daskalova
439 прегледи

Парфемот Шанел 5 првпат е пуштен во продажба на 5 мај 1921 година и оттогаш е симбол на женственост, елеганција, стил и префинетост.

Во 20-тите, кога е и создаден Шанел 5, нотите на јасмин и мошус често биле поврзувани со маслата кои ги користеле проститутките и куртизаните за заведување, но Коко Шанел е позната по ослободувањето од ваквите стереотипи, па во нејзиниот прв парфем се содржани токму овие мирисни ноти.

Таа исто така, била опседната со бројот пет, бидејќи често ѝ се појавувал во животот, па таа сметала дека на некој начин ѝ е среќен број. При крајот на 1920 година, нејзиниот парфемист ѝ донел десет епрувети со мириси, пет нумерирани со броевите од 1 до 5 и уште пет означени со броевите од 20 до 24.

На Коко најмногу ѝ се допаднал примерокот со бројот 5, па побарала од парфемистот Ернест Бо да го развие мирисот и да биде готов до 5 мај 1921, кога била закажана и нејзината голема ревија на нови фустани. Кога размислувале за името на парфемот, решиле да го задржат само бројот, а едноставноста останала и во дизајнот на шишенцето, што било различно од дотогаш познатите сложени и детални дизајни.

Парфемот има претрпено доста реформулации на состојките, бидејќи дел од нив сега е нелегално да се тргуваат и мора да се добиваат синтетички. Карактеристично за Шанел 5 е што е прв цветно-ориентален парфем кој во себе има состојки наречени алдехиди, кои денес се дел од многу комерцијални парфеми, а даваат специфичност и длабочина на мирисот.

Во него се измешани базни ноти на ветивер, мошус, сандалово дрво, ванила, пачули и смола. Во средните ноти има јасмин, ирис, роза и момина солза, додека врвните ноти се мешавина на алдехиди, бергамот, нероли и лимон.

Слични содржини