Сѐ уште нема зелено светло од 80 пратеници за Законот за Јавно обвинителство

од Aleksandar Todeski
308 прегледи

Неизвесно е дали до крајот на идната недела пратениците ќе имаат обид да гласаат за Законот за Јавно обвинителство, откако дел од пратениците кои два дена беа на билатерални средби со министерката за правда, Рената Дескоска имаат различни размислувања за предложеното решение кое се уште е во работна верзија.

Фото: Локално

Како што дознава „Локално“, разговорите ќе продолжат до крајот на оваа недела, а доколку нема договор, Законот во скратена постапка веќе во понеделник ќе се најде во Законодавниот дом. Камен на сопнување за пратениците од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е тоа дали „бомбите“ ќе останат како докази, бидејќи нивно барање е незаконски прислушуваните разговори да бидат само индиции, а не докази во судските постапки.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак денеска излезе со иницијатива Собранието да се распушти идната сабота, на 12 февруари, откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев најави дека е можно истото да се одложи доколку пратениците не гласаат за Законот за Јавно обвинителство, за кој работните групи на власта и опозицијата безуспешно разговараат веќе година и пол.

Министерката Дескоска се одлучи на билатерални средби со помалите партии во Собранието кои би можеле да дадат зелено светло за Законот за Јавно обвинителство откако ВМРО-ДПМНЕ не поднесе амандмани до предвидениот рок, кој истече во неделата вечерта. Од таму порачаа дека тие не се поголеми експерти од оние кои говореа на Јавната дебата во Парламентот, а лидерот на партијата, Христијан Мицкоски рече дека за нив би бил прифатлив единствено Закон кој би го подготвиле експерти од областа на казненото и уставното право, меѓу кои ги наброја Тања Каракамишева, Гордана Силјановска-Давкова, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Гордана Лазетиќ Бужаровска и Владо Камбовски.

А.Т.

Слични содржини