Албанија нема да „застане пред вратата на Европа и да плаче“ за да се отвори, рече премиерот Еди Рама. Тој истакна дека балканската држава треба да се фокусира на сопствената иднина додека Брисел решава трнливи прашања во врска со процесот на проширување, пренесе АФП.
Земјата од 2,8 милиони се надеваше дека ќе добие зелено светло за да ги започне преговорите за членство во ЕУ во октомври, но Франција, Данска и Холандија ставија вето на можноста. Апликацијата на соседната северна Македонија исто така беше стопирана поради отпорот главно од Париз.
Француското „не“ вознемири многумина на Балканот и во ЕУ, каде огромното мнозинство на земји-членки се обидоа да ги наградат двете држави за големи реформи. Брисел сега ги удвои напорите да ги убеди сите земји-членки на самитот во мај да го одобрат започнувањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија.
Во интервју за АФП на француски јазик, уметникот и поранешен кошаркар сподели дека неговата земја треба да ги направи работите што треба да се направат, без оглед на одлуките на Брисел. Според него, Албанија не може „да продолжи да живее во загрижено очекување на нешто што не зависи од нас“.
„Ние нема да застанеме пред вратата на Европа и да плачеме“, рече 55-годишниот премиер. „Ние не го одбравме овој пат затоа што нè прашаа Французите или Германците, туку затоа што тоа е единствениот разумен пат за иднината на нашите деца и за иднината на оваа земја“, истакна тој.
Рама додаде дека самите реформи во ЕУ се далеку од контрола на Тирана, иако „за нас е важно и Европа да се промени“. Европа „страда, не работи правилно, тоа е јасно“.
БГНЕС