Денеска се очекуваат информации за македонските државјани кои се меѓу патниците на јапонскиот крузер

од Vladimir Zorba
274 прегледи

Детални информации за тројцата македонски државјани кои се меѓу патниците на јапонскиот крузер, што беше ставен во карантин во пристанишето во јапонскиот град Јокохама, каде има заразени од коронавирусот, и за уште еден наш државјанин, кој е во карантин во Франција, ќе добиеме денеска. Ќе бидеме известени од тамошните здравствени организации кога ќе бидат подготвени да се упатат тука во државата. Контактиравме и со Светската здравствена организација и со Министерството за надворешни работи за директно да стапиме во контакт со јапонските власти.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во текот на вчерашниот ден имал средба со кинескиот амбасадор.

– Тие имаат информации за 50 кинески државјани кои се работници во компанијата „Синохидро“ кои треба да се вратат после патувањето во Кина, но им било советувано доаѓањето да го одложат. Од тие 50, тројца се од критичниот регион. На сите граѓани кои се упатуваат на патување надвор од земјата од тој критичен регион им се препорачува пред излезот 14 – дневен карантин. Значи, кинеските власти на соодветен начин се обезбедиле дека ќе испратат надвор на патување само здрави лица кои го поминале периодот на инкубација, што е за поздравување, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање по неговата посета со премиерот Оливер Спасовски на реновираниот дел на Универзитетската клиника за неврохирургија.

Во секој случај, додаде, Кинеската амбасада ќе не извести кога тие ќе се упатат кон нашата земја за ние да ги преземеме нашите мерки во однос на скринингот, доколку има потреба и анализа на крвта за да бидеме сигурни дека ниту еден заразен нема да влезе во нашата земја.

Слични содржини