За време на конфликтот во Косово, 15 новинари беа убиени или исчезнати – што претставува скоро половина од нерешени случаи на убиства на новинари и исчезнувања во Европа.
Српското здружение на новинари спроведе тригодишно истражување во кое беа вклучени интервјуа со семејствата, пријателите и соработниците на настраданите новинари, како и со обвинителите и полициските службеници кои работеа на Косово кога се случија злосторствата.
„Со ова истражување конечно се формираше список на сите новинари убиени и киднапирани на Косово“, вели авторката Јелена Петковиќ.
Веран Матиќ, претседател на Комисијата за истражување на убиството на новинарите, смета дека барем некои од овие случаи можат да бидат разјаснети.
„Ако ние како професија постојано инсистираме случаите да бидат разјаснети и сами наоѓаме докази, тоа на некој начин ќе претставува притисок врз институциите да работат подобро“, рече Матиќ.
Иако во јавноста постои мислење дека, со текот на времето, тешко е да се истражува секој случај, од клучно значење е да се продолжат истрагите.
Матиќ додаде дека формирањето на меѓународна комисија составена од новинари од Белград и Приштина, како и меѓународни експерти, ќе биде од големо значење.
Убиените и исчезнатите новинари
-Џуро Славуј и Ранко Переник, новинари од Радио Приштина, исчезнаа на 21 август 1998 година, додека беа на задача.
-Африм Малиќи, новинар за весниците Рилиндија и Бујко, беше убиен на 2 декември 1998 година, во населбата Сончев брег во Приштина. Во оштетението автомобил заедно со него, загинаа уште двајца пријатели
-Љубомир Кнежевиќ, новинар на Единство и политика, исчезна на 6.05.1999 година во Вуштри, при враќањето од посетата на пријател.
-Мило Буљевиќ, работник во РТВ Приштина, беше киднапиран на 25 јуни 1999 година, во близина на бегалскиот камп во Приштина. Според извештаите на очевидци, Буљевиќ бил нападнат од припадници на Ослободителната војска на Косово.
-Александар Симовиќ, работник во Меѓународната акција за медиуми, беше киднапиран со неговиот албански пријател во Приштина во 1999 година. Неговиот пријател беше ослободен, а посмртните останки од Симовиќ беа пронајдени во градот Обриње.
-Момир Стокуч, фоторепортер за Политика и време, беше убиен на 21.09.1999 година, во семејниот дом во Приштина.
-Енвер Маљоку, новинар и шеф на косовскиот информативен центар, беше убиен на 11 јануари 1999 година во Приштина. Истрагата за неговото убиство никогаш не била завршена.
-Шефки Попова, новинарка во весникот „Бота Сот“, беше убиена во Вуштри во септември 2000 година.
-Гемајл Мустафа, новинар во весникот „Бота Сот“, беше убиен на 23 ноември 2000 година во Приштина.
-Беким Кастрати, новинар во весникот „Бота Сот“, беше убиен во селото Лаус на 19 октомври 2001 година.
-Бардуj Ајети, новинар во весникот „Бота Сот“, беше нападнат во село во близина на Гњилане на 2 јуни 2005 година и подлегнал на повредите дваесет дена подоцна.
-Крист Гегај, уредник на РТВ Приштина, беше убиен на 12.09.1999 година.
-Шабан Хоти, професор по руски јазик, преведувач и медиумски работник во Руската државна телевизија, беше заробен, а потоа убиен во јули 1998 година во селото Лапушик.
-Марјан Мелонаши, новинар во Радио Приштина, исчезна на 9 септември 2000 година.