СДСМ успешно ги реализира економските политики, посветени на тоа како да ги вратиме парите кај граѓаните.Ние во СДСМ не зборуваме на памет, туку изнесуваме факти и бројки кои потврдуваат дека сме на прав пат во зајакнувањето на економскиот потенцијал и подобрувањето на финансиските перформанси на државата и на граѓаните, изајви денеска Кирил Колемишевски, претседател на комисија за економија.
Во скратениот мандат од две и пол години, ја зголемивме минималната плата од 9.000 на 14.500 денари и сме на прагот од ветените 16.000 денари кои ќе ги остваревме доколку имавме цел мандат. Но затоа, по изборите на 12 април продолжуваме со истиот тренд и во новиот мандат ќе ги надминеме и тие 16.000 денари. Нашата цел е минималната плата до крајот на 2024 година да изнесува минимум 18.000 денари. Со разумно и одговорно работење, оваа цел е реална и остварлива.
Просечната плата порасна за 3.100 денари денари за само две години и изнесува 25.757 денари. Ветените 30.000 денари просечна плата ќе ги реализираме наскоро, како резултат на сите мерки и политики кои ги преземаме во економијата.
Во скратениот мандат успеавме да ги зголемиме платите на вработените во образованието за 21 отсто, а на оние во научните установи за 25 проценти. Платите на здравствените работници ги зголемивме со историски суми – со следната плата лекарите специјалисти ќе имаат за 40 отсто повисоки примања, општите лекари за 25 отсто, сестрите за 20 проценти, како и здравствените соработници за 15 отсто.
Месечни приходни зголемени за 23 проценти обезбедивме за социјалните работници. За 16 проценти пораснаа платите на вработените во градинките каде што отворивме и многу нови работни места.
Сето изнесено се факти и бројки. Затоа можеме со право да тврдиме дека ние за две и пол години направивме драстично повеќе од режимската власт на ВМРО ДПМНЕ за 11 години. Членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија ќе не направат економски посилни и финансиски постабилни.
До крајот на 2024 година ќе имаме стапка на невработеност под 10%, минимална плата од 18.000 денари, развиена економија базирана на здрави темели, среќни и горди работници и мотивирани работодавци и инвеститори. Затоа продолжуваме по правиот пат заедно со граѓаните.