Милошоски утре ќе и ги достави на Рускоска аудио материјалите кои ги објавуваше на собраниска комисија

од Aleksandar Todeski
358 прегледи

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук извести дека утре на негова иницијатива ќе се сретне со обвинителката Вилма Рускоска, за да и ги достави аудио материјалите кои ги објавуваше на Комисијата за европски прашања.

„Почитувани, утре во 9 часот, на моја иницијатива, во обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, ќе остварам средба со г-ѓа Вилма Русковска. Целта на закажаната средба е на обвинителката да и го предадам аудио материјалот доставен од укажувач, а на кој се препознава гласот на поранешниот премиер Зоран Заев. Во прилог на овој материјал ќе го доставам и транскриптот од чија содржина произлегува сомнеж за тоа дека господинот Зоран Заев бил во тек со нелегалното финансирање на “Меѓународниот сојуз” на Бојан Јовановски преку рекетирање на стопанственици, како и дека тој лично од позицијата премиер го помагал финансирањето на телевизијата 1ТВ. Се надевам дека овој материјал ќе му биде од корист на обвинителството во покренатото обвинение за овој предмет“, пишува Милошоски.

Иако му испративме прашања дали до обвинителката Русковска ќе ги достави и материјалите кои наводно сакаше да ги објави на пленарна седница, а што не беше дозволено од претседателот на Собранието, Талат Џафери, до објавување на текстот, одговор од Милошоски не добивме.

А.Т.

Слични содржини