Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев го обвини премиерот Оливер Спасовски дека заедно со дел од стручните служби во владата направил кривично дело фалсификување на службена исправа и злоупотреба на положба и овластување. Според Чулев, владата поништила смао пет решенија, а во Службениот весник имало објавено одлука за дополнителни 124 решенија за распоредување и една наредба.
Тој го повика Основното јавно обвинителство да преземе итни дејствија за обезбедување на доказите, бидејќи стравувал дека тие може да бидат избришани или прикриени.
„На седницата што се одржа во саботата, последна на гласање беше ставена точката за поништување на решенија донесени од моја страна за распоредување на вработени во МВР. Со мнозинство гласови, владата на 10 минути пред полноќ го усвои предлогот да се поништат пет решенија, за што постои записник, односно стенограм. Нејасно е како оваа одлука во координација со Оливер Спасовски и службата во владата е објавена во Службен весник бр. 41 од истиот ден, каде покрај петте решенија чие поништување беше изгласано, се најдоа дополнителни 124 решенија за распоредување и една наредба за исполнување на работни задачи“, рече Чулев.
Техничкиот министер упати апел до стручните служби да не се обидуваат да ги уништат или прикријат доказите, а ја повика и владата да се воздржи од влијание врз Министерството за внатрешни работи.