МНР: Нема заболени Македонци од корона вирусот во Италија

од Берта Китинска
256 прегледи

Министерството за надворешни работи согласно информациите добиени од македонскиот Генерален конзулат во Венеција – Италија, соопшти дека до овој момент нема информација за наши граѓани кои се заболени од корона вирусот.

Според последните информации, во Италија се потврдени 159 случаи на заразени лица со корона вирус.

„Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот“, се вели во соопштението до медиумите.

МНР препорачува зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во овој период. Повеќе информации заинтересираните граѓани може да добијат на travel.mfa.gov.mk.

Инаку, според информациите од МНР, во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23.000 државјани на Македонија. Подетални информации околу развојот на состојбите, тие можат да добијат во Генералниот конзулат во Венеција на дежурниот телефонски број + 39 389 5837913 или е-маил [email protected].

Слични содржини