Министерството за здравство информира дека резултатите на пациентката кај која постоеше сомнеж за корона вирус, кои штотуку пристигнаа, се негативни на вирусот. Пациентката е една од двата случаи кои се тестираа на Инфективната клиника во Скопје. И двата случаи се негативни на вирусот. Во моментов, веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот COVID 19.
Инаку, како што беше најавено на синоќешната конференција за медиуми, во текот на ноќта сите 9 патници на 5-те локации, 2 во Скопје и 3 во Струмица беа посетени од страна на епидемиолозите од Центрите за јавно здравје во Скопје и Струмица.
-Сите патници кои патувале од Италија со пациентката уште синоќа се исконтактирани и се наоѓаат во изолација во домашни услови во соработка со МВР. Најголем дел од патниците немале контакт со поголема маса луѓе, туку само со семејството. На денешниот состанок на комитетот ќе ги разгледаме можностите за продолжување на домашната изолација или префрлување на овие лица во инфективните одделенија, одредени за изолација- – посочи министерот Филипче.