
Во Италија уште тројца починаа од коронавирус во четвртокот, а бројот на загинати од новиот вирус во таа земја се зголеми на 17, соопштија италијански официјални претставници за цивилна заштита, додека другите земји бележат нови случаи и се обидуваат да го спречат ширењето на инфекцијата со строги мерки.
Бројот на потврдени случаи на инфекција е зголемен од 528, како што е соопштено на прес-конференција порано во четвртокот, на 650, соопштија официјалните лица.
Огромното мнозинство е заразено во северните италијански региони Ломбардија и Венето.
Во четвртокот беше потврден првиот случај на коронавирус во Северна Ирска, а 19 нови случаи беа пријавени од страна на три германски покраини – Северна Рајна Вестфалија, Баден-Вуертемберг и Рајнланд-Фалц.
Во средата, по појавата на нови случаи кои веќе не може да се поврзат со извор во Кина, германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека Германија е на почетокот на епидемијата на коронавирус.
Франција има 38 потврдени случаи на коронавирус, објави француското Министерство за здравство.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адхан Гебрејсус , во четвртокот изјави дека епидемијата на коронавирус е во „круцијална фаза“, повикувајќи ги државите да дејствуваат „брзо“ за да престанат со ширењето на овој „опасен вирус“.