Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави денеска дека „тврдоглавоста и недостатокот од неопходни одлуки“ ја продлабочила изолацијата на Косово и значително ги оштетила специјалните односи на Косово со САД.
Тачи го поддржа американското барање за итно прекинување на таксите на производи увезени од Србија и Босна и Херцеговина.
„Останувањето на таксите е сериозна пречка и ја попречува стратешката соработка и новите силни американски инвестиции во Косово. Затоа, неопходните одлуки треба да се носат итно и тоа беше главната порака и барање на состанокот со (американскиот државен секретар) Помпео и советникот за национална безбедност О’Брајан “, напиша Тачи на Фејсбук.
Тачи истакна дека негово барање како претседател на Косово за косовските политичари и граѓани е дека без губење на време треба да се донесат неопходните стратешки решенија со кои ќе се стави крај на изолацијата и ќе се отвори можноста за дијалог и постигнување конечен договор и зацврстување на трајното пријателство и стратешка соработка со САД.