Законот за јазици и поставување на двојазичните табли е јасен и е објавен во Службен весник, посочи денеска премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, кој е во право дали коалицискиот партнер ДУИ, односно вицепремиерот Бујар Османи, кој вели дека поставувањето на двојазична табла во Прилеп е согласно законот за јазици или СДСМ, кој тврди дека тоа е грешка.
– Сосема е јасно каде и на кои места и во кои општини може да се употребуваат јазиците, односно тоа е секаде каде што имаме повеќе од 20 проценти припадници на етничка заедница, којашто живее во земјава, изјави Спасовски.
Прашан дали тоа значи дека коалицискиот партнер ДУИ „не го знае Законот“, Спасовски со одговор дека во предизборен период може се и сешто да се слушне во медиумите и да се однесуваат така како што очекуваат политичките субјекти.
– Јас тоа не го коментирам, сакам само да истакнам дека законот е тој и законот треба да почитува, таков, каков што е донесен, вели Спасовски.
Прашан, кој е неговиот аргумент за констатацијата дека оваа предизборна кампања ќе биде валкана, Спасовски одговори дека техничката Влада е одговорна за спроведување на фер и демократски избори, а на граѓаните треба да им овозможи слободно да гласаат на своите избирачки места.
– Многу е важно да потврдиме дека тие европски стандарди, коишто ги применивме и на изборните процеси за локалните избори, за референдумот и за претседателските избори ќе бидат стандарди и сега. Кога говорам за тоа, говорам врз основа на однесувањето на политичките субјекти. Многу е важно, како политичките субјекти ќе се однесуваат во текот на изборната кампања. Преголемата пропаганда, ширењето на лажни вести, подметнување итн., тоа значи пред се непочитување на граѓаните, вели Спасовски.
Премиерот смета дека пред граѓаните на овие избори политичките партии треба да излезат со концепт, кој ќе биде со јасна визија, што треба да даде насока каде ќе се движи државата.
– Уште еднаш апелирам до политичките субјекти на таков однос, на сериозен однос на оваа кампања, да се спротивстават концептите за тоа каде ја гледаме нашата Република Северна Македонија во иднина и што е тоа што треба да го направиме заеднички за виталните национални интереси, рече Спасовски.