
Меѓународниот ден на жената е можност да се слават храбрите и решителни акции на обичните жени кои одиграа извонредна улога во своите земји и заедници, но и можност да повикаат на промени, таму каде што се уште се потребни, соопшти ЕУ по повод Меѓународниот ден на жената.
Светот навистина постигна извонреден развој, но сепак, ниту една земја не постигнала родова еднаквост, се вели во соопштението на Европската служба за надворешно дејствување.
„И покрај напредокот, жените се уште се цели на родово базирано насилство, вознемирување и говор на омраза насекаде, вклучително и преку Интернет. Родовите стереотипи, исто така, можат да доведат до дискриминација, а многу жени продолжуваат да се соочуваат со пречки во нивните напори да напредуваат, во пристапот до лидерски улоги во политиката, компаниите и заедницата“, истакнува ЕУ.
Статистиката покажува дека секоја трета жена во ЕУ е изложена на физичко и (или) сексуално насилство, дека жените заработуваат во просек за 16 проценти помалку од мажите, иако повеќе жени дипломираат на факултет, и дека само осум проценти од жените се извршни директори на најголемите компании во ЕУ, што не е она за што се залага Унијата.
„Секој, без оглед на полот, мора да има можност да живее слободно без насилство и да тргне на избраниот пат во животот. Потребни се промени и моментот е сега“, се вели во изјавата на ЕУ по повод Денот на жената.