Богоев: Ученици од три основни училишта во Карпош во самоизолација

од Берта Китинска
199 прегледи

Ученици од три основни училишта во општина Карпош се во самоизолација бидејќи дел од родителите работат на Клиниката за дерматологија, а дел биле на симпозиумот што се одржал во саботата, а на кое присуствувала заразената директорка од Клиниката.

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев денеска информира дека станува збор за училиштата „Владо Тасевски“, „Братство“ и „Јан Амон Коменски“.

– Уште во текот на вчерашниот ден, известивме дека на 3 март, во основното училиште „Братство“, во Тафталиџе, се одржало предавање за превенција од коронавирус (во две одделенија, од четврто и седмо одделение), од страна на докторка која е вработена на Клиниката за дерматологија. Во своја лична изјава, докторката посочува дека пред одржување на предавањето во „Братство“, таа не била во директен контакт со директорката на Клиниката, Нина Цаца, истакнува Богоев во изјава до медиумите.

Докторката е во изолација, како и нејзините две деца кои учат во „Братство“. На ова предавање, учествувале уште две други докторки од Клиниката за дерматологија, кои сепак како што тврдат, не биле во директен контакт со директорката, но се во домашна изолација, додава Богоев.

Исто така, три ученици од основното училиште „Владо Тасевски“ во Козле се во домашна изолација, затоа што нивните родители биле дел од симпозиумот кој се одржал во ресторанот „Рагуза“.

Во „Јан Амос Коменски“ двајца ученици се во изолација, затоа што нивни родители присуствувале на симпозиумот.

– Свесни сме за паниката која се шири во основните училишта и градинки, но сакам да апелирам на смиреност и следење на здравствените протоколи. Како Општина набавуваме и дополнителни средства за хигиена за сите основни училишта и градинки, а екипите се подготвени и за вонредна дезинфекција на сите основни училишта и градинки, вели Богоев.

Додава дека претходно, при крајот на февруари, Општина Карпош спроведе редовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на сите основни училишта и градинки, а вонредно се исчистени и кујните во основните училишта.

– Како локална самоуправа, формиравме и Комисија за следење на состојбата, превенција и справување со вирусот, при што на дневно нивно го следиме присуството и отсуството на ученици и наставен кадар. Од досегашната ситуација, поголемо отсуство има во градинките (што е и очекувано за овој период од годината), а отсуството е значително помало по основните училишта. Во комуникација сме со ресорните министерства и очекуваме денеска повеќе информации и од нивна страна, вели градоначалникот на општина Карпош.

Потсетува дека сите граѓани, коа доаѓаат од ризични подрачја или имаат симптоми слични на коронавирусот, апелирам да пријават на 071 289 614 и 078 387 194.

Слични содржини