Европската Унија ја повика Грција да ги испита тврдењата за насилство и други нелегални интервенции против баратели на азил и мигрантите во земјата.
„Очекуваме грчките власти да ги испитаат наводите за насилство или нелегални интервенции“, рече портпаролот на Европската комисија, Адалберт Јахнц, пренесува „Анадолија“.
Тој на прес-конференција во Брисел рече дека Грција се соочува со исклучителна ситуација и дека треба да дејствува умерено и со почит кон основната правна рамка.
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу неодамна објави дека 142.175 мигранти ја напуштиле Турција преку граничниот премин Едирне.
Грчките безбедносни сили не дозволуваат овие лица да преминат, па илјадници мигранти остануваат во тампон-зоната помеѓу турските и грчките гранични премини во овој регион.
Грција ги негираше „тајните локации“
Во другите вести, грчката влада ги отфрли тврдењата на „Њујорк Тајмс“ дека ги задржува нелегалните мигранти кои пристигнуваат од Турција на тајно место, каде немаат пристап до адвокатите и не можат да аплицираат за азил, пренесува Хина.
Грција објави дека спречила повеќе од 42.000 мигранти да влезат во земјата во изминатите две недели, користејќи често солзавец и водени топови.
Во својата статија, „Њујорк Тајмс“ ги цитираше мигрантите дека тие биле заробени, соблечени и претепани од припадници на грчките безбедносни сили и држени во комплекс згради близу границата.
Весникот тврди, користејќи сателитски слики и податоци за мобилни телефони, дека местото се наоѓа во близина на селото Порос, на северо-исток на земјата, недалеку од грчко-турската граница, во делтата на реката Еврос.
„Нема таен центар за притвор во Грција“ за мигрантите, изјави пред новинарите владиниот портпарол, Стелиос Пестас, додавајќи дека ако странските весници знаат за локацијата, тогаш тоа не е тајна.
„Сите прашања поврзани со заштитата на границата или безбедноста се транспарентни. Уставот се почитува … и нема ништо тајно“.