Се зголемува бројот: На Косово е потврден трет случај на инфекција со коронавирус

од Nikola Popovski
140 прегледи

Министерството за здравство денес потврди дека во Косово е забележан трет случај на инфекција со коронавирус, јавува агенцијата Анадолу.

Косовскиот министер за здравство, Арбен Витиа на прес-конференција објави дека откако биле потврдени првите случаи на инфекција вчера, денес трет лице имало позитивни резултати од тестовите за вирусот. Како што рече, станува збор за роднина на пациентка од Стубл, кај Витина, за која вчера беше потврдено присуството на вирусот корона. Третиот пациент има 39 години. Пациентите се сместени на Клиниката за инфективни болести во Приштина.

Директорот на Националниот институт за јавно здравје на Косово, Насер Рамадани, најави дека вчера биле тестирани 45 случаи, додека до денес, севкупно на анализа имало 140 сомнителни случаи, од кои три биле позитивни за КОВИД-19. Тој рече дека сè е под контрола и дека се преземени мерки во општините каде што се случиле првите два случаи, општините Клина и Витина. Синоќа косовската влада ги стави во карантин општините Клина и Витина, што значи дека е забранет излез и влез на граѓаните во двете општини.

Рамадани рече дека се отворени пет телефонски линии за граѓаните да пријават во случај, ако имаат симптоми на коронавирус.