Дваесет месеци затвор му пресуди судијката Џанета Бегтовиќ на поранешниот вработен во Централниот регистер Емил Јакимовски.Тој беше обвинет за загрозување на безбедноста кон поранешната сопруга. Но, пред да ја одлежи казната затвор тој ќе треба оди на лекување во психијатриската болница „Бардовци“.
Новинарката Мери Јордановска по пресудата на својот Фејсбук напиша: Малку надвор од темата за коронавирусот. За овој случај решив да не зборувам во последниве месеци, бидејќи сериозно ме растревожи.Сето ова не беше толку поради мене, туку поради една жена, која навистина има страдано со години наназад, а институциите не мрдале со прст. Благодарение на цела јавност, поддршката од сите колеги и невладини организации (Хелсинишки комитет, Коалиција за правично судење), со свои очи се уверив дека има институции кои можат да работат брзо и професионално.
Единицата за насилен криминал во МВР – началникот Ријат Ајети коj едвај и да одеше дома додека не ги собра сите докази. Обвинителката Наташа Сарамандова која имаше само 8 дена за да го напише обвинението. Адвокатот Јанаки Митровски кој целосно се оддаде на случајот да ја докаже вината. И една многу, многу храбра жена која имаше сила по не знам кој пат да застане во судница и да го изложи пред јавноста сето она што го претрпела во последниве години.
Случајов ми покажа дека можеме – и дека треба да имаме храброст и волја да пријавуваме закани од било каков тип. За доброто на себе, на тие околу нас, а во случајов и на осудениот, кој треба да биде соодветно третиран за да не ни се случи повторно истото.