Трамп за коронавирусот: Со неколку недели фокусирана акција, можеме да ја поминеме најкритичната точка

од Vladimir Zorba
168 прегледи

Претседателот на САД, Доналд Трамп во понеделникот даде упатства до граѓаните да го спречат ширењето на коронавирусот во наредните две недели, но исто така предупреди за евентуална рецесија која може да влијае на неговата кампања за реизбор во Белата куќа подоцна оваа година.

Трамп денеска, откривајќи ги новите упатства од специјалниот тим за коронавирус, рече дека американските граѓани треба да избегнуваат патувања што не се неопходни, да не одат во барови, кафулиња, ресторани и спортски сали.

Американскиот претседател предупреди дека е можна рецесија, што може значително да влијае на неговите шанси на претседателските избори во ноември.

Тој оцени дека не гледа потреба да се одложат изборите.

„Државите треба да одлучат, важно е да се одложат изборите (…), но мислам дека одложувањето е излишно“, рече Трамп, пренесува АФП, додавајќи дека гувернерот на републиканците во Охајо, Мајк ДеВин предложил одложување на изборите во вторникот во Охајо „до 2 јуни“.

Властите во четири држави што треба да гласаат во вторник (Аризона, Флорида, Илиноис и Охајо) допрва треба да ги одложат изборите, иако се шпекулира дека тие би можеле да бидат одложени до подоцна во март и април.

Трамп понатаму им порача на граѓаните дека е фокусиран на решавање на кризата предизвикана од коронавирусот и дека економијата ќе се подобри откако ќе се реши прашањето.

„Пазарите ќе се погрижат сами за себе“, рече Трамп пред новинарите во Белата куќа.

„Донесовме одлука да ги заостриме упатствата и сега да ја потиснеме заразата“, додаде тој.

Најлошиот период на епидемијата на коронавирус, за кој рече дека е „невидлив непријател“, може да заврши до јули, август или подоцна, предвиде Трамп.

„Со неколку недели фокусирана акција, можеме да ја поминеме најкритичната точка и брзо да ги свртиме работите“, рече тој.

Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Соединетите држави во понеделникот надмина 4.200, со загинати 74 лица.

Американскиот претседател, кој си даде добра оценка за тоа како се справува со коронавирусот, рече дека воведувањето полициски час во земјата во моментов не се разгледува и се надева дека нема да мора да наметне ограничувања за патувањето во САД.

Трамп рече дека смета дека е можно да се одржи самит на Г7 во „Камп Дејвид“ во јуни.