Основниот граѓански суд Скопје објави по кои предмети итно ќе постапува

од Aleksandar Petrovski
168 прегледи

Основниот граѓански суд Скопје согласно мерките и препораките од Владата за превенција од ширење на коронавирусот ќе работи само по итни предмети за примена на времени мерки, спорови за објавување на исправка на објавена информација, вонпарнични и извршни предмети во врска со воспитување и заштита на децата и обврски по предметите за издршка што произлегуваат од закон, регистрации на политички партии, вонпарнични предмети за задржување на лица во здравствена установа, попис на имотот на оставителот, составување на тестаменти, прием на поднесоци и други работи што се врзани со законски преклузивни рокови.

-Согласно заклучоците на Владата на Република Северна Македонија, во врска со спроведување на дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста КОВИД -19 (коронавирус), препораките на Министерство за здравство, барањето за воведување на мерки на претпазливост и заштита од корона вирусот во правосудниот систем од Адвокатска комора на РСМ под бр.03-281 од 15.03.2020 година, Заклучокот на Управниот одбор на Здружението на судиите на РСМ донесен на XXXVI седница одржана на 16.03.2020 година, како и одлуката за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД – 19, донесена од Судскиот совет на Република Северна Македонија под бр.02-606/1 од 17.03.2020 година, Основен граѓански суд Скопје ВЕ ИЗВЕСТУВА дека сметано од 17.03.2020 година, до следно известување, СЕ ОДЛОЖУВААТ закажаните рочишта по предметите на Основен граѓански суд Скопје, со исклучок на рочиштата и дејствијата по предмети за примена на времени мерки; спорови за објавување на исправка на објавена информација; вонпарнични и извршни предмети во врска со воспитување и заштита на децата и обврски по предметите за издршка што произлегуваат од закон, регистрации на политички партии, вонпарнични предмети за задржување на лица во здравствена установа; попис на имотот на оставителот, составување на тестаменти, прием на поднесоци и други работи што се врзани со законски преклузивни рокови, кои се сметаат за итни во смисла на чл.72 ст.2 од Законот за судовите, се наведува во соопштението од Судот.

За денот и часот на одржување на сите одложени рочишта, како што посочуваат од Судот, странките ќе бидат дополнително известени со доставување на покана од страна на судијата кој постапува по секој поединечен предмет.

Во соопштението е наведено дека нема да биде дозволен влез на неслужбени лица во просториите на Основен граѓански суд Скопје, освен на лица со уредна покана и предмети од итна природа.

-Контролата и легитимирањето на лицата на влезовите на Основен граѓански суд Скопје и понатаму ќе ја вршат припадници на судската полиција, вработени во Основен граѓански суд Скопје согласно правилата на службата, коишто по извршената безбедносна проверка ќе ги упатуваат лицата во соодветни простории во судот, се наведува во соопштението.

Од судот укажуваат на лицата кои е потребно да присуствуваат во судот во врска со предметите од итна природа, самите да обезбедат соодветна заштитна опрема, со оглед дека Основен граѓански суд Скопје врз основа на расположивите средства во овој момент не е во можност истата да ја обезбеди и за странките во постапките, а на лицата за кои не е неопходно им се укажува да не доаѓаат без оправдана причина во судот.

-Основен граѓански суд укажува дека ваквите мерки се неопходни за заштита на здравјето и животот на граѓаните, во околности кога заштитата, почитувањето и унапредувањето на човековите права и основни слободи претставува една од целите и функциите на судската власт, а имајќи ги предвид обемот на надлежност и на работа на Основен граѓански суд Скопје, како и големиот број судски предмети, што доведува до зголемена фреквенција на луѓе во судот, се наведува во соопштението.

Од Основниот граѓански суд Скопје посочуваат дека и понатаму ќе ја извршуваат функцијата како сервис на граѓаните на Република Северна Македонија, поради што упатуваат апел во означениот период да се користат алтернативните начини на комуникација со судот, по пошта и/или по електронски пат.

Слични содржини