Во следните два до три дена експертскиот тим формиран по вчерашната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски треба да предложи правно решение за одлагање на изборите закажани за 12 април во ситуација на ширење на корона вирусот.
Лидерите на политичките партии на средбата кај Пендаровски се согласија дека поради состојбата со корона вирусот е потребно одложување на изборите закажани на 12 април.
На средбата присуствуваа лидерите на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива Африм Гаши и на Движењето БЕСА, Билал Касами. Во име на ДУИ на состанокот присуствуваат Бујар Османи и Изет Меџити, а од ДПА учествуваа Орхан Ибраими и Фримзим Даути. На средбата присуавуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
-Приоритет во актуелната ситуација со коронавирусот треба да бидат животите и здравјето на граѓаните, заклучиле партиските претставници.
Експертскиот тим, пак, којшто се очекува да предложи решенија е составен од професорите Рената Дескоска, Гордана Силјановска-Давкова, Денис Прешова, Татјана Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари, Светомир Шкариќ и Александар Спасов. На средбите ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
По нивната прва средба вчера попладнето беше соопштено дека експертскиот тим ги разгледувал правните аспекти за одложување на парламентарните избори закажaни за 12 април.
На средбата се дискутирало за повеќе можни решенија што произлегуваат од Уставот на Република Северна Македонија. Консултациите за начинот на одложување на изборите ќе продолжат и во следните денови, информираа од Кабинетот на државата.