Филипче: Владата сега може навремено да реагира на предизвиците на здравствен и економски план

од Aleksandar Petrovski
148 прегледи

Министерот за здравство Венко Филипче ја поздрави одлуката на претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба поради ситуацијата со коронавирусот. Сега Владата ќе може брзо и ефикасно да управува со ресурсите на државата и навремено да реагира на предизвиците кои ни претстојат и на здравствен и на економски план, објави Филипче на фејсбук, давајќи и куси појаснување за неколку прашања поврзани со постапувањето во услови на вонредна состојба.

– Што значи вонредна состојба? Вонредна состојба значи дека Владата добива и Законодавна и Извршна власт. Со тоа, се олеснува работата на Владата во време на кризи и истата може да носи одлуки за добро на граѓаните многу побрзо и поефикасно.

– Како Владата го прави тоа? Преку носење на Уредби со сила на закон, кои важат само додека трае вонредната состојба.

– Дали ќе има полициски час или ограничување на движењето? Во овој момент нема таква одлука, следете ги сите понатамошни одлуки на Владата и ќе бидете информирани за евентуални ограничувања на движење.

– Дали треба да направам резерви на храна? Не, во државата има доволно резерви и на храна. Останете во своите домови, не излегувајте доколку немате потреба и купувајте онолку колку што ви треба, наведува министерот Филипче и апелира до граѓаните да се придржуваат до мерките и препораките, зашто само тако побрзо и полесно ќе се надминеме оваа состојба.

Слични содржини