Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати отоврено писмо до власта, велејќи дека во неговата партија има пријател, за да се победи коронавирусот.
„Вирусот не е шега, туку заедничка нова битка на Македонија која мора заедно да ја победиме. И сакам тука неколку збора за политичкото милје со кое се дочекува пандемијата во земјава. Ова отворено писмо будење на свеста значи подадена рака до власта со кое сакам да потенцирам дека во нас имате пријател, а заедничкиот непријател кој мора да го победиме е пандемијата која одзема животи. И оттука сосема совесно и разумно како човек, но и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ имам колективна одговорност да посочам на работите кои мора да бидат подобри, зошто ако не се, тогаш ќе губиме животи. Стравот кај мене е поради тоа што имаме сериозни слабости во системот кој мора да си признаеме дека потфрла во време кога мора хируршки прецизно да функционира“, пишува Мицкоски.
Тој обвинува дека докторите не се доволно заштитени и се пуштени да се справуваат со пандемија незаштитени, небезбедни, под ризик за својот живот.
„Филипче е далеку од супермен, можеби бизнисмен, ама повеќе е портпарол во време кога треба да биде само министер. Одбивам да ја сведувам дебатата на ова ниво и затоа ќе порачам баталете го пр-от, ова не е мегдан за тоа ќе има време кога ќе се мериме и во тоа поле, но сега мораме да покажеме поголема одговорност од се што било досега. Затоа неопходно е како општество да се мобилизираме, да се преземат итни и драстични мерки што побрзо и без одлагање. Се губи контролата над состојбите затоа што секојдневно се отвораат нови жаришта на вирусот. Болниците кои се на располагање се недоволни, а капацитети слаби. При тоа тука не страдаат само болните од корона, туку и оние болни од други болести кои нема да добијат навремена помош заради презафатеноста со справувањето со актуелната пандемија“, пишува Мицкоски.
Тој пишува дека е потребно воведување на построг полициски час, најмалку од 18 часот за да има суштина со него и се направи ред, час поскоро.
„Мора за миг да се испразнат улиците за да се скенира состојбата. Мора да се има протокол на правење на тестови за сомнителни од корона вирусот и тие да бидат целосно бесплатни во државното и приватното здравство. Да се удвојат капацитетите за проверка. Сега владее потполн хаос каде граѓаните велат дека приватните тестови имаат поголема веродостојност затоа што државните институции ги кријат заболените. Затоа треба да се делува во отстранување на тие сомнежи“, стои во отвореното писмо на лидерот на опозициската партија.
Мицкоски им ги повикува лидерот на СДСМ, Зоран Заев и премиерот Оливер Спасовски да ги прифателе мерките, независно што ги предлагале тој и ВМРО-ДПМНЕ.
„Прифатете ги, а јас ќе се откажам од сите политички ловорики кои вам ќе ви ги отстапам. Мене таква слава не ми треба, само прифатете ги и дејствувајте итно. На граѓаните и Македонија и треба помош и лидерство. А јас ќе продолжам да се борам со предлози и активности кои ќе значат помош за граѓаните и економијата. А тоа го може и секој еден од вас кои ќе го прочитате ова писмо, едноставно е, да се однесуваме одговорно и совесно и останете дома, така ќе се заштитите себе си, но и другите. Што се однесува до економијата купувајте македонски производи и сигурно ќе спасите некое работно место“, вели Мицкоски.