Бројот на починати лица во Словенија како последица од Ковид-19 се зголеми на четири , а според последните податоци на Националниот институт за јавно здравје, во земјата со коронавирусот се заразени вкупно 480 лица, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Во последниот случај се работи за повозрасна жена сместена во домот за стари лица во местото Шмарје при Јелшах. Според информациите на словенечките медиуми, станува збор за лице кое и претходно имало здравствени проблеми. Токму во овој дом има поголем број случаи на заразени со коронавирусот.
Според последните информации, таму 24 повозрасни лица и шест вработени се позитивни на вирусот. Вчера, пак, 67-годишен маж, почина од Ковид-19, а во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана беше донесен по домашно лекување и во тешка состојба.