Грчки медиуми: „Првото „да“ за пристапни преговори за С.Македонија и Албанија“

од Берта Китинска
247 прегледи

„ЕУ ја отвори вратата за Северна Македонија и Албанија“; „Северна Македонија: Задоволство за зеленото светло од ЕУ за пристапни преговори“; „Зелено светло за пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“; „Првото „да“ за пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија“; „ЕУ: Се отвори патот за Северна Македонија и Албанија“; „Северна Македонија и Албанија почнуваат преговори со ЕУ“; „Да од министрите за надворешни работи за пристапни преговори со Северна Македонија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за вчерашната одлука за почеток на пристапни преговори за Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите во Грција, во главно ги пренесуваат текстовите од грчката новинска агенција АНА-МПА, како за одлуката, така и за реакциите кај нас, односно за прес – конференцијата на премиерот Оливер Спасовски и на министерот за надворешни работи Никола Димитров.

-Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ го одобри почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и, под услови со Албанија. Ова, по телеконференцијата го соопшти комесарот за проширување, Оливер Вархеји, објави „Јуроњуз“ на грчки јазик.

-Конечниот „печат“ се очекува да го стават лидерите за време на Самитот што преку интернет ќе се одржи во четврток, поради коронавирусот. По блокадата на францускиот претседател Емануел Макрон, Европската комисијата го смени пристапниот процес, применувајќи еден попрецизен систем на оценување на земјите во процесот на пристапување. Нешто што на крај ја убеди Франција, пишува весникот „Етнос“.

– Владата на Северна Македонија изрази очигледно задоволство за одлуката на министрите за надворешни работи на земјите – членки на ЕУ за почеток на пристапните преговори со земјата, пишува АНА-МПА.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Милтиадис Варвициотис, по неговото учество на телеконференцискиот состанокот на министрите за европски прашања на Унијата, како што вчера објави МИА, рече дека е важен ден за Европската унија, а со одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, се потврдува стратешката агенда „Солун 2003“.

-Станува збор за одлучувачки чекор за европската перспектива на двете соседни земји, што ги гарантира грчките позиции. Паралелно, ЕУ во пракса ја потврдува нејзината одлучувачка одлука во регионот на Западен Балкан, факт што претставува силна политичка порака. Му честитаме на хрватското претседателство кое под тешки околности го донесе овој резултат. Ова е важен ден за Европската Унија, рече Варвициотис.

Слични содржини