Промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците предвидува Уредбата со законска сила што ја донесе Владата вчера, откако претходно за таа намена Советот на Народната банка ги донесе потребните регулаторни измени.
-Со уредбата се утврдува како во текот на вонредната состојба да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите кои заради коронакризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците, информираше владината прес-служба.
На Уредбата работеа Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација.
Мерката за одложено плаќање на кредитите беше најавена пред една недела кога владиниот економски тим го објави првиот сет мерки за поддршка на стопанството во услови на намален и стопиран обем на работа поради коронакризата, а граѓаните и фирмите очекуваат конкретни насоки како и што ќе значи оваа мерка.
Со регулаторните измени што ги донесе Советот на Народната банка, како што изјави неодамна гувернерката Анита Бежоска Ангеловска, банките и штедилниците ќе можат на повеќе начини да им го олеснат финансискиот товар на граѓаните и фирмите погодени од коронакризата. Конкретно, со одложување односно грејс-период за отплата на кредитите, пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период, пониска каматна стапка или одобрување нов поповолен кредит за рефинансирање на постоечкиот итн.
Олесnувањата ќе се однесуваат на потрошувачки, станбени, автомобилски кредити, кредитни картички, одобрен минус, како и кредити на фирмите. Се овозможува навремена поповолна промена на кредитните услови за кредитите да не станат нефункционални. До крајот на септември секое доцнење до 150 дена нема да се смета за нефункционален кредит. Ангеловска Бежоска рече дека Народната банка нема законска надлежност да пропише мораториум на наплатата на кредитите. Но, суштински, во споредба со мерка само со мораториум, донесените регулаторни измени нудат поширок сет поволности за граѓаните и фирмите (одложување, промена на каматна стапка и сл.).
-Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација работат на уредба со која ќе се утврди поедноставен начин за комуникација и уредување на договорните односи меѓу засегнатите кредитокорисници и банките и штедилниците. Се изнаоѓа најефикасен начин и тој ќе биде соопштен на граѓаните, рече гувернерката во интервју за МТВ.
Според неодамнешната изјава на министерската за финансии, Нина Ангеловска, одложувањето би значело замрзнување на ратити за наредните три месеци.
-Уредбата моментално вели дека секоја банка ќе објави на својата веб страна или ќе го извести секој клиент за поповолната понуда. Ако физичкото лице во рок од 10 дена не се произнесе односно не каже дека ја одбива понудата ќе се смета дека поповолната понуда (замрзнување на ратите за три месеци) е прифатена, изјави министерката.
Македонската банкарска асоцијација, пак, преку соопштение, порача дека нејзините членки се подготвени да излезат во пресрет на сите барања од граѓаните и компаниите кои се соочуваат или ќе се соочат со времена неможност за отплата на кредитите. Но, заради отстранување на какви било дилеми и шпекулации, како што наведоа, овие мерки не значат мораториум на отплатата спрема банките и штедилниците, туку даваат можност на брз и ефикасен начин да се излезе во пресрет на сите оние на кои тоа им е потребно во моментов и наредните месеци.
-Сите сме дел од ова општество и оваа економија и затоа е потребно со внимателно управување со ресурсите со кои располага нашата економија на најдобар можен начин да се соочиме со проблемите и кога оваа криза ќе помине да продолжиме со најмали можни последици за секое наше семејство, компанија, нашиот економски и финансиски систем и општеството во целина. Нашите членки, банките, штедилниците, Клириншката куќа и Македонското кредитно биро ќе дадат максимален придoнес во тој правец, наведоа од Aсоцијацијата во соопштение минатиот викенд.