Едвај еден месец пред Европа да биде погодена од недостаток на маски, респиратори и комплети за тестирање, владите му рекоа на Брисел дека нивните здравствени системи се подготвени и дека нема потреба да купуваат дополнителни материјали. Ова произлегува од внатрешните и јавните документи на Европската унија, до кои има пристап „Ројтерс“.
„Таа розова проценка е во остат контраст со недостатокот што дојде неколку недели подоцна, кога Европската комисија процени дека потребите на земјите-членки на ЕУ ќе бидат десет пати поголеми од вообичаеното“, пренесува Ројтерс.
Иако недостигот на опрема во голема мерка се припишува на брзата глобална побарувачка, документите добиени од агенцијата покажуваат дека владите на ЕУ можеби ја влошиле кризата со преценување на нивниот капацитет за одговор.
„Ситуацијата е под контрола“, рече претставник на Европската комисија на состанокот зад затворени врати со дипломати од земјите-членки на 5 февруари, две недели откако Кина изолираше скоро 60 милиони луѓе во Хубеи, скоро исто колку и Италија.
„Постои високо ниво на подготвеност во земјите-членки, повеќето воведоа мерки“ за откривање и лекување на КОВИД-19, рече официјалниот претставник. Ројтерс соопшти дека биле само две недели пред првите жртви на коронавирусот во Италија, каде скоро 14.000 луѓе починале од вирусот.
На прашањето дали документите од Ројтерс покажале дека Европа одговорила премногу бавно, портпарол на ЕК рече: „Во јануари, Комисијата понуди можност за поддршка на земјите-членки“.
Владите на ЕУ започнаа да ја разбираат тежината на ситуацијата во март, но наместо да се фокусираат на заедничко дејствување, многумина прибегнаа кон протекционистички мерки и наметнаа трговски бариери за да спречат извоз на медицинска опрема.
Ројтерс пишува дека оптимистичката анализа понудена од официјален претставник на ЕК на 5 февруари произлегува од серијата состаноци со здравствените експерти на земјите-членки на ЕУ.
На состанокот на 31 јануари, делегатите од националните министерства за здравство и рекоа на Комисијата дека не им е потребна помош при набавка на медицинска опрема.
„Ниту една држава сè уште не побарала поддршка за дополнителни мерки“, се вели во записникот за состаноците. Само четири земји предупредија дека можеби ќе им треба заштитна опрема ако се влоши ситуацијата во Европа. Овие четири држави не се именувани.
На 28 јануари, месец откако првпат понуди помош и откако на уште најмалку уште две средби ги повика владите за да ги разјасни потребите, Европската унија започна заедничка програма за набавка на маски и друга заштитна опрема.
Првично, немаше понуда за тендер од името на 25 члена, покажа внатрешниот документ откриен од Ројтерс. Земјите-членки на ЕУ сега ги оценуваат понудите по втор тендер, но сè уште не е потпишан договор и испораките се уште се неколку недели далеку, според проценките на Комисијата.
Владите на ЕУ го уверија Брисел дека нивните медицински работници се добро обучени како да ги третираат оние што страдаат од КОВИД-19, иако од персоналот во Италија дури на 24 февруари им било побарано да носат маски кога контактираат со сомнителни случаи.
Според официјалните бројки, заразени се скоро десет илјади италијански здравствени работници, или повеќе од девет проценти од вкупниот број во Италија.
На состанокот на ЕУ на 4 февруари, националните експерти за здравство рекоа: „Воспоставени се дијагностички капацитети и неколку земји започнаа со тестирање“.
Земјите на ЕУ сега се соочуваат со огромен недостаток на комплети за тестирање и започнаа заедничка шема за набавки на 18 март. Потребата за заедничко снабдување со респиратори за прв пат се појави на состанокот на здравствените експерти на ЕУ на 13 март, според записникот. На 17 март, Европската комисија започна програма за набавки.
Агенцијата за контрола на болести на ЕУ, која се потпира на проценките на одделните земји-членки, во средината на февруари процени дека ризиците од преоптоварување на здравствените системи биле „ниски до умерени“.
Еден месец подоцна, таа ја ажурираше таа проценка и објави дека до средината на април ниту една држава нема да има доволно кревети во единиците за интензивна нега.