Бројот на пациенти кои се подложени на интензивна нега на коронавирус падна за прв пат во Италија во саботата, а земјата исто така го забележа своето најниско дневно зголемување на бројот на смртни случаи за две недели.

Официјални лица во една од најранливите земји изјавија дека грубите мерки како што е строгиот карантин и забраната за движење, што траеше скоро еден месец, доведоа до овие позитивни трендови и ја нагласија потребата жителите да останат затворени.
„Ова е важна вест затоа што им овозможува на нашите болници да дишат“, рече водачот на цивилната заштита Анџело Борели за време на брифингот за вирусот.
Италија објави 681 смртни случаи во саботата од КОВИД-19, со што вкупно се 15.632. Тоа беше најниско дневно зголемување од 23 март откако започна епидемијата на 21 февруари.
Бројот на пациенти во тешките преоптоварени единици за интензивна нега се намали за 74, на 3.994 од 4.068 во петокот.
Вкупниот број потврдени случаи во земјата е зголемен од 119.827 на 128.948, но официјалните лица веруваат дека успеале да го стабилизираат зголемувањето, со надеж дека ќе падне наскоро.
Земјите како Италија и Шпанија презедоа многу построги мерки на социјална оддалеченост. Но, некои стравуваат дека за време на раните знаци на напредок и како што се приближува Велигден, повеќе Италијанци ќе започнат да ги кршат наредбите во земјата, при што групи луѓе се забележани на социјалните медиуми шетајќи низ некои од поголемите градови.
– Некои фотографии се шират на социјалните медиуми, кои покажуваат одредена релаксација во однесувањето на некои луѓе – за среќа само неколку – не треба да се земат како пример, туку треба да бидат осудени – рече Доменико Аркаури, специјален владин комесар за контрола на кризата со вирусот.
Тој предупреди дека не е време Италијанците да се вратат во стариот живот.

Италија се подготвува за следните чекори
Италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца рече дека кризата е далеку од завршена.
„Ситуацијата останува драматична, вонредната состојба продолжува и имаме уште еден тежок месец“, рече тој.
Во интервју за „Ла Република“, тој ги истакна следниве чекори од страна на државата во борбата против вирусот: континуирано социјално дистанцирање, широко распространето користење на заштита за сите, не само на здравствени работници, опремување болници за КОВИД-19 низ целата земја, зајакнување на локалната здравствена заштита мрежа, масовно тестирање и мапирање на бројот на заразени во Италија, што може да се направи по моде на Јужна Кореја.
Како што рече, втор бран не може повеќе да се исклучува се додека не се добие вакцина – затоа се потребни специјализирани болници.
– Премногу е ризично за други пациенти, премногу ризично за целиот персонал. Ако не продолжиме да бидеме ригорозни, сè што постигнавме ќе падне во вода – рече министерот.