Од утре полицискиот час на целата територија на нашата држава ќе започне во 16 часот и ќе трае до 5 часот наутро.За време на викенди, пак, движењето ќе биде целосно забрането, односно полицискиот час ќе трае 61 час.
Новите временски рестрикции предизвикаа страв кај граѓаните, па повторно почнаа да се празнат рафтовите во маркетите. Празни се рафтовите за храна, дезинфекциски средства, брашно…. Скопјани реагираат дека ваквата атмосфера ги вознемирува и апелираат на совесно и одговорно однесување.
Дополнителни ограничувања на движењето за граѓаните на територијата на целата држава, за време на работните денови и викендите, со важност од среда, 8.4.2020, од 16 часот.
Владата на Република Северна Македонија на предлог на Комисијата за заразни болести во рамки на Министерството за здравство и Генералниот кризен штаб, донесе дополнување на Одлуката за забрана за движење на граѓаните во целата територија на државата, односно за продолжување на полицискиот час на целата територија на Северна Македонија.
Се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.
За лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот.
За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.
За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник.
Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.