Вицепремиерот и шеф на Централниот кризен штаб, Бујар Османи денеска информира дека Армијата ќе им помага на општинските штабови во спроведувањето на мерките против коронавирусот. Таа ќе биде ангажирана за одржување на редот, за дезинфекција и за дистрибуција на храна и лекови.

„Денеска ги известив градоначалниците дека од утре ги имаат на располагање и услугите на армијата за цивилни потреби на општинските штабови во борбата против пандемијата. Пример, при дистрибуција на производи, дезинфекција, одржување ред или какви било други барања од штабовите. Во име на општинските штабови како координатор на истите им се заблагодарувам на Министерството за одбрана и Армијата, кои сега ја проширија својата асистенција покрај за полицијата сега и на општинските штабови“, сподели Османи на својот Фејсбук профил.