
Американската национална академија на науките даде нов придонес во тезата дека новиот коронавирус, исто така, може да се шири низ воздухот, а не само преку капки, исфрлени со кивање или кашлање.
Иако студиите не се завршени, резултатите од достапните истражувања укажуваат на аеросолизација со дишење, напиша Харви Фајнберг, претседател на Постојаниот комитет за инфективни болести и здравствени ризици во писмото доставено до Белата куќа.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и други здравствени агенции досега инсистираа на тоа дека примарниот начин за пренесување на тешкиот акутен респираторен синдром САРС-КОВ-2 е преку поголеми респираторни капки, кои луѓето ги исфрлаат со кашлање и кивање.
Ефектот на овие капки е еден до два метри, а вирусот може да се задржи и на површини, од каде што луѓето можат да го подигнат со допирање на устата, носот или очите.
Меѓутоа, ако КОВИД-19 се наожа во здивот на човекот, заштитата од тоа станува потешка, што оди во поддршка на препораката сите луѓе да носат маски во јавноста за да го намалат несвесното пренесување на вирусот од страна на лица со асимптоматска инфекција, пишува „Сајменсмаг“.
Дебатата за овој метод на пренесување започна претходно оваа година, а Фајнеберг и неговите колеги од НАС укажаа и на други истражувања, како што е неодамнешната студија на Џошуа Сантарпија и колегите од Медицинскиот центар на Небраска, која презентираше докази за вирусна РНК во изолациски простории на пациенти, третирани од КОВИД-19.
Вирусна РНК е откриена на тешко достапни површини, како и во примероци од воздух, на растојанија до два метри од пациентите.
Присуството на РНК укажува дека вирусот може да се шири преку аеросоли, заклучил Сантарпија и неговиот тим, иако не нашле заразни честички на вирусот.