Забрзанo се тестираат вакцини за коронавирус

од Vladimir Zorba
187 прегледи

Три потенцијални вакцини за „КОВИД-19“ забрзано се тестираат на волонтери во САД и Кина, но ова е прва фаза и треба да се помине долг пат за да се докаже дека тие ќе бидат ефективна заштита.

Кинеското Министерство за наука и технологија објави денеска дека тестирањето влегува во својата втора фаза, слично како во САД, каде првиот волонтер кој ја примил вакцината пред еден месец се вратил во клиниката во Сиетл за да добие втора доза.

Водечкиот американски инфектолог Ентони Фалучи за АП изјави дека се надева оти следната, посеопфатна фаза на тестирање може да започне во јуни.

Првичните тестови се насочени кон безбедноста и научниците во обете држави пробуваат различни дози за различни видови вакцини.

Преминувањето во втората фаза е критичен чекор што бара вакцината да се тестира на многу поголем број на луѓе, така што на крајот може да се види дека заштитува од инфекција.

Американската компанија „Кансино“ објави дека ќе вклучи 500 лица во втората фаза на тестирање.

Според Фалучи, доколку „КОВИД-19“ продолжи да циркулира во поголем обем во текот на летото и есента, поголемите студии можеби ќе можат да направат нешто побрзо од 12 до 18 месеци што првично се предвидуваше, односно до средината на зимата следната година.

„Имам во предвид дека предуслов се вакцините да бидат ефективни и безбедни и тоа е големо ако“, рече Фалчи.

Научниците во Кина испратија иста порака, велејќи дека сите студии мора да се направат на вистински начин.

„И покрај тоа што е многу итно за нас во моментов, не можеме да ги намалиме стандардите за безбедност и ефикасност за да добиеме вакцина рано“, рече биофармацевтот Ванг Јунџи.

Пред неколку дена, Светската здравствена организација соопшти дека повеќе од пет компании работат на вакцината за „КОВИД-19“, а пред осум дена најголемите производители на вакцини „Санофи“ и „ГСК“ објавија дека почнуваат да работат заедно.