Пановска-Ставридис: Фалсификуваните средства за дезинфекција во голема мера може да му наштетат на нашето здравје

од Stefanija Kuzmanovska
351 прегледи

Поради пандемијата на коронавирус драстично е зголемена побарувачката на средства за дезинфекција, но на пазарот се појавија и голем број нови производи кои не се регистрирани. Со самото тоа што не се регистрирани, не е проверен квалитетот на овие производи.

За ова предупреди и една домашна фармацевтска компанија. Информациите велат дека на пазарот се појавиле фалисфикувани средства за дезинфекција и дека тие имаат слични имиња како нивните производи.

Министерството за здравство испрати известување до сите јавни и приватни здравствени установи да користат исклучиво производи за дезинфекција кои поседуваат дозвола и решение за ставање во промет на биоциден производ издадена од Министерството за здравство.

Директорката на Клиника за Хематологија во Скопје, д-р Ирина Пановска-Ставридис, во врска со оваа ситуација изјави дека не случајно пуштањето во промет на средства за дезинфекција и тоа во светот е регулирано со строга законска регулатива.

– Фалсификуваните средства за дезинфекција во голема мера може да му наштетат на нашето здравје. Нивните состојки може сами по себе да се штетни за луѓето, а исто така може и да имаат и непотврдена ефикаснот. Поедини фирми од нашата земја во услови на зголемена потреба од средства за дезинфекција, согласно мерките на Владата на РСМ за задолжително одржување на хигиена на рацете, површини и подови, во изминатиов период нудат и продаваат производи кои ја немаат поминато постапката на контрола во Министерството за здравство на РСМ, со што се загрозува здравјето на луѓето, наведе таа.

Пановска-Ставридис вели дека согласно мерките на Владата на РСМ, прва линија во борба против спречувањето на епидемијата со коронавирусот е одржување на лична хигиена и хигиена во просториите во кои живееме и работиме.

– Секој регистриран биоциден производ, односно биоциден производ кој има одобрение за ставање во промет издадено од страна на Министерството за здравство на РСМ, доколку се применува според приложеното упаство помага. Со процесот на дезинфекција се скратува временскиот период во кој вирусот теоретски би опстанал по контаминирните површини, додава директорката.

Според неа, нема правило за динамиката за дезнифекција на домот.

– Сметам дека доколку се на располагање средствата за дезинфекција, домот треба да се дезинфицира секогаш при опасност од контаминација. Основно е редовно да се одржува хигиена. Дезинфекција треба да се направи при влез во домот и внесување на намирници од надвор. Особено треба да се внимава каде се оставаат чевлите и тие задолжително треба да се дезинфицираат, истакна Пановска-Ставридис.

Стопанската комора на Македонија пак побара стриктна примена на законите во врска со употребата на дезинфициенси на пазарот.

– Според регулативата, секој добавувач за да стави дезинфициенси во промет треба да поседува дозвола, односно решение, за ставање во промет на биоцидни производи, издадена од Министерството за здравство. За да се знае точно кој производ е одобрен, надлежните институции треба во најкус можен рок да ги ажурираат информациите на соодветната интернет-страница (www.hemikalii.gov.mk) со објавување само на важечките решенија од Министерството за здравство, велат од СКМ .

Истовремено, продолжуваат оттаму, треба да се известат сите учесници во синџирот на дистрибуција, но и сите државни институции, за тоа кои биоцидни производи, односнo дезинфициенси смее да ги има во продавница или смеат директно да се набавуваат, за притоа корисниците да не бидат доведени во заблуда.

– Тогаш ќе се олесни и работата на инспекциските служби за спречување на ставање во промет на дезинфициенси за кои не е издадено одобрение од Министерството за здравство, додаваат оттаму.

Државната комисија за спречување на корупцијата пак пред неколку дена информира дека оформиле предмет по сопствена иницијатива за испитување на нерегистрираните средства за дезинфекција кои се нашле во употреба.

С.К.

Слични содржини