Скопјанец не се придржувал на државниот карантин: Неколкупати ја напуштал собата, па се развикувал на полицајците

од Берта Китинска
230 прегледи

Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, соопштија од ОЈО Струга.

– Четворица од обвинетите не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Македонија. Во одделни кривично правни настани полициски службеници констатирале дека тие го прекршиле полицискиот час и без да поседуваат дозвола се движеле на различни локации во и околу Струга, информираат од обвинителство.

Воедно од струшкото Обвинителство информираат дека петтиот обвинет, 20-годишен скопјанец, се вратил од странство со хуманитарен лет организиран од Владата и по пристигнувањето му бил одреден задолжителен државен карантин во хотелот „Дрим“ во Струга.

– Но, на 6 април неколкупати излегол од собата и бил затекнат од полициски службеници. Откако полицајците го предупредиле дека не смее да ја напушта собата, тој им возвратил недолично и со висок тон, па полициските службеници интервенирале и го вратиле во собата, потенцираат од Обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител за сите обвинети му предложи на Судот да определи парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 30 евра во денарска противвредност.

Слични содржини