
Концентрациите на азотниот диоксид (NO2), главно произведени од возила и термоцентрали, паднаа за 54 проценти во Париз и за околу 45 проценти во Мадрид, Милано и Рим за време на спроведувањето на мерките поради пандемијата, соопшти денеска Европската вселенска агенција (ЕСА).
Од 13 март до 13 април 2020 година, концентрациите на НО2 се намалија за 54% во француската престолнина, 49% во Рим, 48% во Мадрид и 47% во Милано, според ЕСА, во споредба со просекот во март и април 2019 година.
Овие податоци вклучуваат грешка во плус или минус 15 проценти.
Остриот пад „се совпаѓа со строгите мерки за карантин низ Европа“, се вели во соопштението.
НО2, гас што предизвикува значително воспаление на дишните патишта, е загадувач со краток животен век, што го прави добар показател за интензитетот на човековата активност.
Мапите на ЕСА се засноваат на работата на кралскиот метеоролошки институт на Холандија, кој планира да објави податоци за северноевропските земји, пренесува AFP.
Според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина за квалитетот на воздухот во 2019 година, азотниот диоксид (NO2) е одговорен за 68.000 предвремени смртни случаи годишно во Европската унија.