
Распространетоста на коронавирусот може да биде поголема отколку што првично се сметаше, според истражувањето спроведено од научници од американскиот универзитет Стенфорд.
Според студијата, која допрва треба да помине низ процесот на преглед, инфекцијата со коронавирус може да биде од 50 до 85 пати поголема од официјалните податоци, пишува „Гардијан“.
Во оваа студија, беа анализирани антитела од примероци на крв земени од 3.330 здрави лица во округот Санта Клара, Калифорнија, за да се утврди дали овие лица се заразени со коронавирус.
Во времето на спроведувањето на студијата, имало 1.094 случаи на инфекција со коронавирус во округот Санта Клара и 50 смртни случаи. Сепак, судејќи според стапката на инфекција во анализираниот примерок, можно е на почетокот на април во округот Санта Клара да има заразено помеѓу 48.000 и 81.000, што е за 50 до 80 пати повеќе од официјалните бројки, пренесува Танјуг.
Некои научници веруваат дека овие резултати индицираат дека е многу поблизу до постигнување „имунитет на стадото“ отколку што се сметаше порано. Сепак, научниците од Стенфрод предупредуваат дека не треба да се преземат предвремени заклучоци или мерки сè додека не се спроведат понатамошни истражувања.