
Американскиот претседател Доналд Трамп е обвинет за исламофобија откако зборуваше за социјална дистанца во џамиите за време на Рамазан, месецот на постот.
Трамп во саботата рече дека „може да има разлики“ во тоа како официјалните лица и политичарите ќе воведат рестриктивни мерки во текот на наредниот месец Рамазан, во споредба со неодамнешните велигденски празници.
Трамп ги даде овие коментари по твитот на конзервативниот писател Пол Спери, на кој одговори американскиот претседател.
„Христијанството се третира неправедно“
„Ќе видиме дали официјалните лица им наметнуваат мерка на социјална дистанца на џамиите за време на Рамазан, како што правеа со црквите за време на Велигден“, напиша Спери, коментирајќи на тема што кружи во десничарските кругови на Твитер.
„Јас би рекол дека може да има разлики“, рече Трамп на редовната прес-конференција.
„Ќе видиме што ќе се случува. Затоа што, јас гледам големи разлики во оваа земја“, рече тој, што потсети на коментарита на десничарот на Твитер.
На прашањето на новинарот на „Ал Џезира“, Кимберли Халкет, дали смета дека муслиманските верски водачи нема да ја почитуваат мерката на социјална дистанца за време на Рамазан, тој одговори: „Не, воопшто не го мислам тоа“.

„Имав разговор со имами, свештеници, рабини … Имав одличен разговор со верските водачи“, додаде тој.
„Јас сум некој кој верува во религија, не е важно која е ваша, но нашите политичари се чини дека различно ги третираат различните вери. Не знам што се случи со нашата земја, но христијанството се третира поинаку од порано. Мислам дека се третира многу неправедно“, рече Трамп.
„Пренесува антимуслиманска омраза“
Избувнувањето на епидемијата ги спречи христијаните низ целата земја да се соберат на Велигденската недела, 12 април, иако некои водачи ги олеснаа ограничувањата.
Евреите, исто така, беа присилени да го одбележат Песах дома.
Исламската заедница на Северна Америка, заедно со муслиманските медицински експерти, побара прекинување на групната молитва и другите собири среде пандемија.
Во твитот во саботата, Советот за американско-исламски односи ги нарече коментарите на Трамп „несоодветни“ со хаштагот „исламофобија“.
Во меѓувреме, муслиманска правна фирма соопшти дека Трамп пренесува „антимуслиманска омраза“.