
Велика Британија сè уште не размислува да ги олесни карантинските мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот пред скоро четири недели, со оглед на „длабоко загрижувачкиот“ пораст на смртните случаи, изјави во неделата министерот Мајкл Гоув.
Велика Британија е на врвот или близу до врвот на здравствената криза во која загинаа над 15.000 луѓе, што е петта највисока стапка на смртност од коронавирусот. Во светот досега загинаа најмалку 150.000 луѓе.
Гоув рече дека информациите објавени од „Бузфид“ дека владата размислува да ги прекине мерките за изолација во наредните месеци не се точни.
„Фактите и препораките се многу јасни во овој момент и сè уште не треба да размислуваме за укинување на ограничувањата“, рече Гоув за Скај њуз.
Британските болници работат под големо оптоварување, принудувајќи ги здравствените работници да ја критикуваат препораката на владата постојано да користат лична заштитна опрема што се носи при третирање на пациенти заразени со коронавирус, особено со фактот дека во цела земја има се помалку и помалку залихи во магацините.
Испораката на 84 тони заштитна опрема од Турција, за која министрите соопштија дека ќе пристигне во недела, е одложена, јави Скај њуз.
Неодамнешните податоци говорат дека 15.464 луѓе починале во британските болници, откако било утврдено дека се позитивни на коронавирус. Во последните три дена по ред, бројот на загинатите во земјата се зголеми за повеќе од 800.
Официјалните податоци исто така покажуваат дека дополнителни 2500 луѓе починале во старечки домови во неделата до 13 април.
„Постои длабока загриженост за толку големиот број смртни случаи. Доказите покажуваат дека и стапките на зараза и стапката на смртност се намалуваат, но сè уште не сме целосно сигурни дека одиме по надолна линија“, рече министерот.
Гоув ја нарече „гротескна“ приказната објавена во „Сандеј тајмс“ дека премиерот Борис Џонсон избегнал пет состаноци на владата во криза во раните фази на епидемијата на коронавирус.
Овие состаноци се случија во јануари и февруари, кога некои делови од земјата беа погодени од невидени поплави.
„Премиерот ги донесе сите главни одлуки. Никој не може да каже дека премиерот не започнал да се бори со коронавирусот со целото свое срце и душа“, рече тој, додавајќи дека целата приказна е малку презасилена.