
Фејсбук соопшти дека ќе отстрани страници и настани кои повикуваат на протести со кои се кршат државните закони за социјална дистанца во САД за време на пандемијата.
Компанијата соопшти дека веќе ги отстранила постовите кои повикуваат на настани против блокадите во Калифорнија, Њу Џерси и Небраска по консултациите со државните влади.
Протести против блокадите се случија во голем број држави во Соединетите држави во неделата, а стотици демонстранти ги прекршија мерките за социјална оддалеченост, во спротивност со ограничувањата, дизајнирани да го запрат ширењето на коронавирусот и да спасат животи.
Ваквите настани, кои „ги побиваат владините насоки за социјална оддалеченост, не се дозволени на Фејсбук“, рече во понеделникот портпарол на компанијата.
Според телевизијата АБЦ, основачот на социјалната мрежа Марк Закерберг бил запрашан дали организирањето протести против блокадите на платформата претставува „штетна дезинформација“.
„Ние ја класифицираме како штетна дезинформација и ја отстрануваме“, рече Закерберг, додавајќи дека дебатата за политиката нема да биде задушена.
Елиминацијата на настаните предизвика реакција од конзервативците, вклучително и Доналд Трамп помладиот, кој го обвини Фејсбук за кршење на правото за слободниот говор. Американскиот претседател изрази поддршка за протестите, посочувајќи дека „некои гувернери отишле предалеку“ во ограничувањето на животот.