Репортери без граници: С.Македонија на 92. место според индексот за слобода на медиумите

од Берта Китинска
254 прегледи

Република Северна Македонија за една година се искачи три места погоре на Светската листа на слобода медиумите за 2020 што ја изготвува невладината организација Репортери без граници со седиште во Париз. Од 95-то, земјава сега е рангирана на 92-то место со средна оценка од 31,28 поени, јави дописникот на МИА.

Во делот за Северна Македонија насловен „професијата се организира“, се наведува дека „владата не го смени законот за јавни медиуми, а реформата на јавниот радиодифузер е запрена. Неговите програми им служат на интересите на поранешната конзервативна партија на власт, на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелната влада го отстрани државното рекламирање во медиумите, алатка на претходната влада за контрола на медиумите, што честопати доведе до проневера на јавните фондови“.

Репортери без граници забележуваат дека на општините им е дозволено да се рекламираат во локалните медиуми и со тоа да задржат средство за нивно контролирање. „Друга ризична одлука на владата: купување реклами во медиумите за запоснавање со достигнувањата на владата“, стои во извештајот и се додава дека Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осуди оваа практика.

-Треба да се забележат две револуционерни достигнувања во врска со саморегулацијата и работните стандарди на професионалните новинари: од една страна, создавањето регистар на професионални мрежни медиуми кој има околу 70 члена од страна на Советот за етика на медиумите и ЗНМ. Оваа иницијатива ја промовира саморегулацијата на медиумите со тоа што ги обврзува да се придржуваат кон кодексот на новинарите и да ги објавуваат одлуките на Советот. Од друга страна, потпишувањето од страна на синдикатот, во соработка со ЗНМ и Советот, на Повелбата за услови за работа на новинарите со нацрт договор за фер вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми. Оваа Повелба исто така се обврзува да ги почитува правата на новинарите и слободата на изразување, нацедува Репортери без граници.

На крајот констатираат дека физичките напади врз новинарите се смирија. „За жал, традиционалните закани и навреди од високи функционери кон печатот остануваат силни, а сајбер-нападите се во пораст“ пишува во извештајот.

Според според индексот за слобода на медиумите, од соседството пред Северна Македонија се Грција на 65-то, Косово на 70-то и Албанија на 84-то место. Следна е Србија, на 93-то место, Црна Гора на 105-то и Бугарија на 111-то место.

Прва на листата е Норвешка, а по неа се Финска, Данска, Шведска и Холандија. Последни се, на 177 место, Кина, Еритреја и Туркменистан.

Слични содржини