
Истражувачи од универзитетите во кинеската провинција Жеџијанг тврдат дека коронавирусот мутирал во повеќе од 30 видови, и дека ова делумно го објаснува фактот дека однесе повеќе животи во некои земји отколку во други делови на светот.
Според „Скај њуз“, научниците велат дека имало директен доказ дека вирусот има мутации кои значително ја менуваат неговата патогеност.
Откритијата се резултат на студијата на тим на истакнатиот епидемиолог Ли Ланџуан, наводно првиот експерт што предложил целосна изолација на Вухан, кинескиот град од кој потекнува пандемијата, за да се спречи ширењето на вирусот.
Студијата испитува примероци земени во раните фази на пандемијата од 11 пациенти во една болница во Хангжу, а откриено е „со ултра длабоко секвенционирање“ постоење на 33 мутации на вирусот познат како САРС-КоВ-2, вклучувајќи 19 нови, наведува англиското издание.