На потег е Џафери, триесет и петмина пратеници ја потпишаа иницијативата

од Берта Китинска
382 прегледи

Претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува во текот на денот да се изјасни за барањето за итна седница на која како што предложија триесет и петмина пратеници кои се потпишаа на иницијативата на СДСМ би требало да бидат потврдени двете одлуки на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба поради Ковид-19. Џафери, според Деловникот и законите, нема рок ниту обврска да одговори на ова барање.

Во свои претходни изјави тој кажа дека Парламентот не може по самораспуштањето на 16 февруари повторно да биде свикан. Па, така, првото барање за воведување вонредна состојба што до него го достави премиерот Оливер Спасовски, тој не го проследи до пратениците туку директно до претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ја прогласи вонредната состојба. По втор пат исто така Пендаровски прогласи продолжување на вонредната состојба.

Партиски извори за МИА велат дека се поизвесно е дека Џафери нема да свика седница, и оти во тој случај треба што поскоро да се оди на избори. Во ваква ситуација поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, здравствените власти се тие кои треба да дадат одговор кога реално би можело да има избори.

-Институциите и државата не може да функционираат на овој начин, сметаат дел од пратениците со кои разговаравме, дотолку повеќе што Владата е техничка и беше формирана за организирање избори. Децидни се дека потпретседателите на Собранието не можат да свикаат седница, туку единствен кој може е Џафери и никој друг.

Триесет и пет пратеници од СДСМ и нивни колеги од НСДП, ЛДП, Алијансата на Албанците, ДПА, Беса, Алтернатива и пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието вчера поднесoa барање за свикување итна седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба поради пандемијата со Ковид-19 од страна на претседателот на државата.

Тие бараат врз основа на член 63 став 4 од Уставот, член 15 став 4 од Изборниот законик, како и врз основа на членовите 67 и 68 став два од Деловникот Собранието од претседателот на Собранието да свика итна собраниска седница со две точки на дневниот ред и тоа потврдување на одлуките на претседателот за прогласување на вонредна ситуација на целата територија на државата од 18 март и од 16 април оваа година.

Слични содржини