Лекувањето со крвна плазма на заболени со Ковид-19 кај нас ќе започне од утре. Во болницата „8 Септември“ ќе започне лекување на овие болни со озонотерапија, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
-Дури и со овие два начини на лекување и со крвната плазма која што почнува практично од утре, за првпат ќе се земе таа плазма од еден пациент којшто е утврдено дека е во фаза во која што има антитела што можат да се дадат на пациент и озонотерапијата со оној апарат којшто го има кај нас ќе почне во болницата „8 Септември“. Има соодветни индикации, не може кај било кого да се аплицира, рече Филипче.
Министерот во гостувањето на утринската програма на ТВ Сител рече дека сепак, точната терапија за лекување на болните од овој вирус во светски рамки допрва ќе се утврдува и дека ние како земја сме дел од студијата со повеќе земји во светот во која ќе се утврдуваат еден од четирите начини со коишто оваа болест ќе се лекува со соодветна терапија и со соодветен пристап.
Според него, ова не е олабавување на мерките туку воведувањето на маските, е дополнителна рестриктивна мерка.
-Зголемување на бројот на часови за движење заедно со носење на заштитна маска би рекол дека е порестриктивна мерка, рече Филипче, посочувајќи дека ризичните групи се раздвоени, а маската е задолжителна што е дополнителна рестрикција во однос на претходно.
Работна група од експерти од Комисијата за заразни болести и стопанските комори работат на тоа како ќе бидат организирани производствените капацитети и одредени мали бизнисни, иако некои од малите претпријатија кај нас функционираа. Но, многу е рано, вели тој, да се зборува за отворање на училиштата и на градинките.
– Тоа ќе биде еден систем што ќе бара реорганизација во однос на бројот на учениците во училиштата, соодветно дистрибуирани по училниците и занимални на децата во градинките. Сега сме се уште фокусирани на очекување на максималниот број на пациенти. Тогаш кога оној фактор ќе падне под единица, бројот на пациенти ќе почне да се намалува ќе почнат и другите мерки, рече Филипче.