Белград синоќа со бучава против диктатурата и со контрапротест со запалени факели по покривите

од Aleksandar Petrovski
148 прегледи

Во услови на полициски час во Србија кој почнува во 18 часот, незадоволството на граѓаните и поддршката за власта од друга страна се префрли по прозорците, преку терасите и по покривите на зградите.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, главниот град на Србија, но и Ниш, Нови Сад и другите градови синоќа во 20 часот граѓаните прво им дадоа аплауз на подршка за здравствените работници, потоа во 20 часот и 5 минути, правеа „бучава против диктатурата“ удирајќи во тенџериња, дувајќи во свирчиња и фрлајќи петрди, за да во 20 часот и 30 минути се одржа контрапротест со палење на факели по покривите на зградите.

Акцијата на аплаузи за здравствените работници во Србија трае од почеток на епидемијата со коронавирусот, додека граѓанскиот протест „Дигни го гласот:Со бучава против диктатурата“ која ја покрена иницијативата „Да не го давиме Белград“ и Граѓанскиот фронт, трае веќе четири дена.

Контрапротестот за подршка на актуелната власт за прв пат се одржа синоќа, преку огномет, палење на факели и пуштање на силна музика.

Синоќа и претседателот Александар Вучиќ на РТС го кометираше сето ова, изјавувајќи дека удирањето по тенџериња е делумно политички протест.

– Тоа е, во голем дел, политички протест. Јас сум, знаете, политички ветеран, свикнат сум на тенџериња и тави, само едно ме боли – лекарите ги загубија аплаузите … Политичките лидери со ова покажаа неодговорност, изјави Вучиќ.