Во последните 24 часа во Словенија се извршени 616 тестови за коронавирусот, а веќе втор ден по ред не се откриени нови случаи на инфекција, така што бројката на заразени останува 1.439 лица, објави денеска словенечката влада.
Починал уште еден од пациентите со Ковид-19, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 97.
Иако епидемиолошката состојба е стабилна и ширењето на вирусот, според официјалните бројки, е под контрола, владини претставници предупредуваат дека треба да се почитуваат мерките за социјална дистанца, хигиена и сè уште валидните ограничувања, со цел понатамошно ублажување на мерките.
Денес започнаа со работа и фризерските салони, рестораните и кафулињата на отворено.
Почитувајќи ги сите мерки на Националниот институт за јавно здравје, граѓаните повторно можеа надвор од своите домови да испијат кафе или да ручаат. Отворени биле само надворешните делови, односно терасите од објектите, а на иста маса можат да седат само членови на исто семејство. Персоналот задолжително носи заштитни маски, а истото треба да го сторат и гостите кои сакаат да влезат во внатрешниот дел од угостителските објекти за да одат во тоалет.
Слично билои во Целје, каде што пред се постарите кои биле на пазарите го искористиле убавото време и за да седнат во локалните кафулиња на пијалок и да се одморат.
Според тоа каква беше сликава утринава во главниот град, по се изгледа на Љубљанчани највеќе им недостасуваа фризерските салони. Редовите пред овие објекти се направиле поради тоа што за нивната работа сега важат строги протокли.
Така на пример, за да се дојде на фризер неопходно е претходно телефонски да се закаже термин, а во објектот не смее да се влезе доколку се уште некој има внатре. Фризерите задолжително мораат да носат визир, заштитна маска и ракавици.
Од денеска да се средат можат и домашните миленици бидејќи и салоните за нега на домашните животни повторно биле отворени.