Алијанса за Албанците ја обвинува градоначалничката Данела Арсовска дека донела незаконски решенија во три средни училишта во Скопје. Како што велат од партијата на власт, именувани се директорите на училиштата Кочо Рацин, 8 Септември и Арсениј Јовков без да се исполнети потребните услови.
-На 25.04.2023 година за вршител на должноста раководител во СОУ „Кочо Рацин“ го именувал лицето Т.Б., иако ова лице не е од редовните вработени во ова училиште. Лицето Т.Б. се именува на оваа функција без да го исполни условот – положен испит за директор. Според информациите од јавен карактер од Државниот испитен центар, во ова училиште има 2 професори кои ги исполнуваат условите да бидат директор.
На 23.05.2023 година, Данела Арсовска, во гимназијата 8 Септември, на работно место в.д. директор го именува лицето A. Ч. Лице кое исто така нема уверение за положен испит за директор, ниту уверение за познавање англиски јазик.
Следното училиште во кое Арсовска го прекршува законот е во средното училиште Арсени Јовков. На 18.07.2023 година, градоначалникот на Град Скопје во ова училиште како в.д. го именува лицето Б.З., ова лице не поседува ниту уверение за положен испит за директор, ниту уверение за познавање на англиски јазик. И во ова училиште Арсовска не го зема предвид фактот дека има 4 професори кои ги исполнуваат условите да бидат директор, изјави Арианит Река, раководител на секторот за образование при АА.
Од партијата истакнуваат дека ќе поведат кривична постапка против институцијата и секое лице на раководна позиција, за сите случаи на непостапување од страна на институциите кои произлегуваат од страна на просветниот инспекторат.