Кандидатот за градоначалник на Општина Струга од Алијанса на албанците и Алтернатива Идри Истрефи денеска на прес-конференција го обвини актуелниот градоначалник Рамиз Мерко за кражба на милиони евра од општинскиот Буџет.
„Станува збор за изнуда и кражба на милиони евра од буџетот на граѓаните на Струга од страна на двојката Рамиз Мерко – Армен Кадриу, а тоа трае неколку години преку една сомнителна концесија со многу законски прекршувања. склучена во вториот мандат на Рамиз Мерко помеѓу општина Струга и приватната фирма за јавно осветлување Сити лајт“, рече Истрефи.
Парите што Општината и ги дава на копманијата, тврди дека одат кај Рамиз Мерко и неговиот соработник Армен Кадриу, за што приложи банкарски трансакции.
Истрефи додаде дека станува збор за милионски суми на евра уплатени од Сити лајт „на приватната сметка на Армен Кадриу и неговото семејство и на сметката на привтниот универзитет на Мерко.
„За да биде скандалот уште поголем, Владата во текот на овој мандат исплати 50 отсто од долговите на општините. На општина Струга ѝ беа доделени над 2 милиони евра, додека Рамиз Мерко меѓу десетиците фирми ја избрал токму Сити лајт за одеднаш да и исплати над 1,2 милиони евра од тие средства. Причината се знае“, изјави Идри Истрефи.