Абас: Палестинците ќе победат и ќе слават во Ерусалим

од Vladimir Zorba
199 прегледи

Палестинскиот лидер Махмуд Абас одржа говор на Генералното собрание на ОН. За време на своето обраќање, Абас истакна дека е невозможно да се постигне мир на Блискиот Исток без палестинска држава.

– Грешат оние кои мислат дека на Блискиот Исток може да владее мир без палестинскиот народ да ги ужива своите целосни национални права. Сè уште се надеваме дека вашата ценета организација ќе ги спроведе своите резолуции со кои се бара прекин на израелската окупација на нашата територија и реализација на независноста на целосно суверена држава Палестина со главен град источен Ерусалим – рече Абас.

Тој нагласи дека израелската влада продолжува да ги напаѓа Палестинците во Газа и на Западниот Брег, а претставникот на Израел го напушти собранието не сакајќи да го слуша говорот на Абас.

– Дами и господа, додека стојам пред вас овде, израелската расистичка, десничарска влада продолжува со нападите врз нашиот народ. Нејзините расистички и терористички доселеници продолжуваат да го заплашуваат и убиваат нашиот народ, да уништуваат домови и имоти, да ни ги крадат парите и имотот. Од која причина? Не знам. Ова се прави пред очите на светот и поминува целосно неказнето – изјави Абас.

Палестинскиот лидер дополнително појасни дека Израел мора да сноси одговорност за последиците од своите постапки, прашувајќи „Зошто прифаќате дека Израел е држава над законот?

На крајот, Абас рече дека Палестинците ќе излезат како победници од се.

– Им оддавам почит на нашите маченици и на нашите храбри затвореници и на нашите херојски страдалници. Победата е наша. Независноста на нашата земја ќе ја славиме во Ерусалим, нашата вечна престолнина и цветот на сите градови. Тие тоа го гледаат како невозможно, а ние го гледаме како неизбежно – заклучи Абас.

Слични содржини