Советот на јавни обвинители го именува Ислам Абази за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје.
На денешната 70-та седница, Советот донесе и решение за мирување на функцијата на Абази како јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, од каде доаѓа на функцијата шеф на ОЈО ГОКК.
Љубомир Јолевски, со уште неколку члена на Советот на ЈО, Иџет Мемети, Арбер Исаку и Коле Штерјев, ја посочија досегашната работа на Абази како шеф на Вишото јавно обвинителство Гостивар, во чиј мандат во правата година биле преполовени, а потоа и целосно расчистени сите застарени предмети, што, како што посочија, е добар показател за неговите менаџерски и стручни капацитети.
Абази на изборите на 7 ноември доби 66 гласови од вкупно 160 обвинители кои можеа да гласаат на изборите за шеф на ОЈО ГОКК. На второ место, со 64 гласови или два гласа помалку, заврши скопскиот обвинител Ермон Незири. Вилма Русковска доби 14 и Деса Пауновска десет гласа.
Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.